Фискалниот совет, државна институција чиј основач е Собранието, по однос на Фискалната стратегија (2025-2029) до законодавниот дом достави мислење со кое бара во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија. За стратегијата што ја усвои владејачкото мнозинство стои препорака, старосната граница за остварување на право за пензија на мажи и жени да се помести на 67 години.
Академик Абдулменаф Беџети, професорката од Економски факултет Мирјана Трпеска, како и долгогодишниот банкар и професор Глигор Бишев, се членови на Фискалниот совет кој мониторира како власта го крои буџетот и менаџира со јавниот долг на државата, и укажува дали тоа е добро или лошо за фискалната одржливост на државата.
„Определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на два пати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот помеѓу приходите од придонеси и расходите за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ФПИОМ.
Фискалниот совет е на мислење дека за одржување на ФПИОМ, за намалување на фискалните ризици и за консолдација на буџетот во наредниот среднорочен период, потребни се дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените, така и постепено (макар и благо) зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ.
Фискалната одржливост на Фондот за пензиско осигурување под ризик
Тековната е 18,8% и е за 2,4% помала во однос на 2008 година, кога изнесуваше 21,2%. Кога на оваа би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1.500 до 1.700 нови пензионери, придружено и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен“, се вели во Стратегијата.
Оттука, во документот се додава дека, фискалната одржливост на Фондот за пензиско и инвалидско осифурување е посебен фискален ризик.
„Имајќи го в предвид значителното намалување на невработеноста и недостатокот од квалификувана и професионална работна сила, Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5%. Потоа, во 2027 година би се направила дополнителна анализа на фискалната одржливост на ФПИОМ и во зависност од трендот и потребата би требало постепено да се зголемува стапката на најмалку 21% до 2029 година“.
Ваквата препорака на Фискалниот Совет во предизвика широк бран од реакции во јавноста, особено од припадниците на работничката класа кои се револтирани поради се поголемите општествени разлики помеѓу функционерите и „работодавачите“ и обичниот граѓанин на чиј труд се богатат.