X

Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада

Првата Македонско-Косовска Народноослободителна ударна бригадан била формирана во 1943 година во селото Сливово, Дебарца од над 700 борци од македонскиот баталјон “Мирче Ацев”, Дебарско-Кичевскиот баталјон, Првиот косовски баталјон “Рамиз Садику”, Вториот косовски баталјон “Борис Вукмировиќ” и една придружна чета на ГШ на НОВ и ПОМ.

Во својот состав имала Македонци, Срби, Црногорци, Албанци, Турци, Италијанци, а подоцна и Руси.

Водела борби за заштита на слободната територија во Дебарца од германските сили и балистите, како и против бугарските сили во Крушевско, Ресенско и Охридско, по што, заедно со ГШ на НОВ и ПОМ и ЦК на КПМ, го презела маршот преку планината Галичица на 5/6 декември 1943 г. кон планината Кожув до Мегленско во Егејскиот дел на Македонија.

Патем во селото Герман на 11 декември 1943 г., им се придружил и Баталјонот “Стив Наумов”. Кога на 18 декември 1943 г во селото Фуштани, Мегленско, Егејски дел на Македонија, била формирана Втората македонска бригада, во која влегол и еден баталјон од Првата македонско-косовска бригада, па заедно со неа и со други воени единици на НОВ и ПОМ воделе успешни борби со германските и бугарските сили во Меглен и Мариово.

Симбол на братството и единството во народноослободителната борба

Бригадата учествувала во Февруарскиот поход во првата половина на февруари 1944 г., во кој поминала околу 300 км. Во селото Долно Радово, Мегленско, на 12 април 1944 г. Бригадата била поделена на Група македонски и Група косовски баталјони и била упатена кон Дебарца. Притоа со борбите со бугарските и германските сили во Охридско и Кичевско од 29 април до 6 мај 1944 г., Дебарца била повторно ослободена.

Успешно дејствувала и во времето на Пролетната офанзива во Македонија од 8 мај до 4 јуни 1944 г. во Дебарца, Струшка Малесија, долж комуникацијата Струга-Дебар, Мавровско и Гостиварско.

Подоцна од Групата македонски баталјони била формирана Првата македонска бригада на 8 јуни 1944 г., а од Групата косовски баталјони била формирана Првата косовско-метохиска бригада на 24 јуни 1944 г. Бригадата била прогласена за Петнаесетта пролетерска бригада на 2 ноември 1951 г., одликувана со Орден народен херој, Орден на народното ослободување на Југославија и Орден на братството и единството со златен венец.