X

На денешен ден е роден заборавениот македонски и југословенски државник – Лазар Мојсов

Лазар Мојсов, еден од најзначајните македонски и југословенски дипломати и државници, е роден на 19 декември 1920 година во Неготино.

По завршувањето на докторските студии на Правниот факултет во Белград, учествувал во Втората светска војна како партизан, а по војната започнал успешна политичка кариера во рамките на Комунистичката партија на Југославија.

Во периодот од 1948 до 1951 година, Мојсов беше главен правозастапник на Социјалистичка Република Македонија. Како пратеник во собранијата на СР Македонија и СФР Југославија, тој одигра клучна улога во политичкиот живот на државата.

Неговата дипломатска кариера започна со амбасадорски мандати во СССР, Монголија, Австрија, Обединетите Нации, Гвајана и Јамајка.

Од 1974 до 1982 година беше заменик-министер за надворешни работи, претседаваше со Генералното собрание на ООН во 1977–1978 година и беше министер за надворешни работи од 1982 до 1984 година.

Во последната декада од својата кариера, Мојсов членуваше во Претседателството на СФР Југославија, каде што во 1987–1988 година беше претседател.

Покрај политичките ангажмани, тој беше автор и предавач за меѓународни односи, а неговата последна книга беше објавена во 2006 година.

Лазар Мојсов почина на 25 август 2011 година во Белград, на 90-годишна возраст. Погребан е во Алејата на заслужните граѓани на Новите гробишта во Белград.